„НБА лигата е брутална, таму младите играчи се колатерална штета“

Српскиот репрезентативец, Филип Петрушев, го оствари својот сон и со националниот тим освои сребрен медал на Светското првенство, а веднаш потоа следуваше и тоа што се очекуваше да биде трансфер на кариерата, потпишувајќи за НБА тимот, Филаделфија 76'ерс. 

Иако очекуваше да добие солидна минутажа и можност да ги покаже своите квалитети, неговата етапа беше повеќе од очајна и откако го „преселија“ во развојната лига, високиот кошаркар реши да се врати во Европа. Неодамна Петрушев отворено го изрази своето разочарување и за домашните медиуми ги нападна управите на Филаделфија и Сакраменто, кои воопшто не веруваа во неговиот талент. 

„Сите мечтаеме за таа НБА лига, но реалноста таму е брутална. Јас имав спектакуларна кариера во Европа, а кога заминав во Соединетите Американски Држави бев буквално колатерална штета. Тренерите им даваа повеќе минути на играчи со полни 38 или 39 години, а мене ме „забораваа“ на клупата или воопшто не бев во тимот. 

Не ми е јасно како може некој да му дава триесет минути на 40-годишник, а јас со 23 години седам и само мечтаам за да се докажам на паркетот. Не ми е потребно таквото понижување, се вратив во Европа и повторно ја оживеав својата кариера. Во Олимпијакос се чувствувам одлично и мислам дека тимот е зрел за големи нешта сезонава“, изјави Петрушев. 

Откако не доби никаква шанса во НБА лигата, Петрушев се врати во грчкиот гигант и веќе бележи сосема солиден просек од 11,7 поени, 4,8 скокови и нешто помалку од две асистенции по натпревар.