• Мартин Танасковски
Лос Анџелес Клиперс и 12-кратниот учесник на Ол-стар мечевите Крис Пол и официјално тргнуваат по различни патишта. Искусниот 40-годишен плејмејкер заминува од тимот, но засега без дополнителни детали за причините зад оваа одлука.
Оваа сезона беше најавена како последна во кариерата на Пол, кој веќе најави повлекување од професионалната кошарка. Прекинот на соработката означува и крај на неговиот втор престој во Клиперс, клуб во кој остави силен печат уште во периодот од 2011 до 2017 година.
Тогаш Пол беше мозокот на славната ера наречена „Лоб Сити“, во која заедно со Блејк Грифин и ДеАндре Џордан создаде една од најатрактивните и најпрепознатливите екипи во лигата. Со тој тим Клиперс шест сезони по ред стигнуваа до плејофот и ги освоија првите две титули во дивизијата во 2013 и 2014 година.
Покрај Клиперс, Пол во својата богата кариера настапуваше и за Њу Орлеанс Хорнетс, Хјустон Рокетс, Оклахома Сити Тандер, Феникс Санс, Голден Стејт Вориорс и Сан Антонио Спарс. Неговата играчка историја и статистика долго време го држеа меѓу најдобрите организатори на игра во НБА.
Во актуелната сезона тој одигра осум натпревари за Клиперс, при што забележа просек од 2,9 поени и 3,3 асистенции по меч. Овие бројки се далеку под неговите досегашни просеци од 16,8 поени и 9,2 асистенции во 1370 натпревари одиграни во регуларниот дел од сезоните.
По оваа одлука на ЛА Клиперс, фановите се со отворено прашање. Тоа е дали Крис Пол ќе ја заврши кариерата предвреме, или, пак, некој од другите франшизи ќе му даде шанса да ја доигра актуелната сезона.








