НБА и ФИБА не отстапуваат од идејата за формирање на „НБА Европа“

Иако Евролигата неодамна ја одби првичната понуда за соработка, планот на НБА и ФИБА за создавање ново европско натпреварување и понатаму останува актуелен. Двете организации најавија дека сакаат да ги продолжат разговорите и не ја исклучуваат можноста во иднина да дојде до заеднички проект со Евролигата.

Во заедничкото соопштение, НБА и ФИБА истакнаа дека евентуалното партнерство би можело значително да го промени европскиот кошаркарски пазар.

„Партнерството со Евролигата, со цел обединување на европскиот кошаркарски систем, би отклучило огромен потенцијал за развој на кошарката низ Европа, во корист на клубовите, играчите и навивачите“, порачаа двете организации.

Во исто време, НБА и ФИБА остануваат посветени на проектот „NBA Europe“, чие стартување е планирано за есента 2027 година.

Простор за продолжување на преговорите остава и Барселона, која по одбивањето на првата понуда порача дека вратата не е затворена.

„Доколку предлогот за спојување во иднина биде изменет, клубовите и Евролигата повторно ќе го разгледаат“, соопшти каталонскиот гигант.

Комесарот на НБА, Адам Силвер, во повеќе наврати истакнуваше дека смета оти новото натпреварување би имало поголем потенцијал доколку се постигне договор со Евролигата.

„Тоа не мора да се случи, но мислам дека сите би поминале подобро доколку настапиме како обединет фронт во Европа“, изјави Силвер.

НБА и ФИБА плановите за „NBA Europe“ официјално ги претставија во март 2025 година. Според идејата, лигата би имала 16 екипи, при што одреден број клубови би имале постојано место, додека останатите би можеле да се пласираат преку спортски резултати.