НБА ѕвезда прави изненадувачки трансфер во ЦСКА Москва!?

Ајзеа Томас никако не може да пронајде нова играчка средина во НБА лигата. Искусниот плејмејкер има проблеми поради формата која што ја прикажа во последниот период кога се појави на терените и повредите со кои се соочи во овој дел од кариерата.

Изненадувачка информација се појави во изминатите неколку дена. Наводно, американскиот кошаркар е опција за ЦСКА Москва, која го контактирала неговиот агент. Рускиот гигант се раздели со Мајк Џејмс, кој важеше за најдобар поентен во ланската сезона. Тоа остава празен простор, кој би можел да го пополни 32-годишникот.

Томас пропушти голема можност пред четири години. Кога беше дел од Бостон Селтикс го достигна врвот во кариерата, но потоа се повреди и не доби нова можност за богат договор.

Сега кога иднината на кошаркарските терени му е под знак прашалник, нема да чуди ако се одлучи за ваков потег и да заигра во Евролигата.