• Мартин Танасковски
Екипата на Сан Антонио Спарс продолжува да ја пишува најубавата приказна во овогодинешниот НБА плеј-оф. Тимот од Тексас со победа од 111-103 на гостувањето кај Оклахома Сити Тандер ја доби серијата и обезбеди пласман во големото НБА финале. Спарси успеаја да го елиминираат актуелниот шампион и да стигнат до своето прво финале по 2014 година, кога ја освоија последната титула. Сега ќе имаат можност да се борат за шестиот шампионски прстен во клупската историја.
Предводник на тимот беше Виктор Вембањама, кој како МВП на финалето на Западната конференција постигна 22 поени. Голем придонес даде и Џулијан Шампан, кој погоди шест тројки и беше вистински кошмар за одбраната на Оклахома.
И покрај фантастичниот настап на Шеј Гилџес-Александер, кој мечот го заврши со 35 поени и 9 асистенции, Тандер не успеаја да го избегнат поразот. Домаќините во неколку наврати се доближуваа на два поседа негатива, но Спарси секогаш имаа одговор.
Интересно е што двете екипи сезонава се сретнаа дури 12 пати, вклучувајќи го и НБА Купот, а дури осум од тие дуели завршија со победа на Сан Антонио, што уште еднаш потврдува дека тимот на Спарс заслужено е во финалето.
Во големото финале, Сан Антонио Спарс ќе се соочи со Њујорк Никс. Финалната серија започнува во среда во Тексас. Со ова ќе продолжи и необичната традиција во НБА лигата – осма сезона по ред лигата ќе добие различен шампион.


