„Навивам за МЗТ, но поради татко ми сакам Купот да го освои Работнички!“

Буштур

Легендата на македонската кошарка Благоја Георгиевски - Буштур повеќе од една година не е меѓу нас. За да не се заборави неговото значење и придонес се погрижи кошаркарската федерација, која одлучи Купот на Македонија во иднина да го носи неговото име.

Неговиот син Борјан, кој своевремено беше дел од кошаркарските терени, зборуваше за својот татко и овогодишното издание на натпреварувањето.

„Пред сè, сакам да ѝ се заблагодарам на КФСМ на ваквиот потег. Тој не е тука, но мислам дека и нему би му претставувала голема чест. Буштур го заслужи сево ова и сметам дека е ова е една од најдобрите работи кои се случиле во македонскиот спорт и во македонската држава воопшто.

Татко ми беше шампион во сè. Прекрасен родител, одличен тренер, прекрасна личност, човек каков би посакало секое дете. На личен план ќе го памтам по еден баскет во Никозија кога јас и тој ги победивме двајцата најдобри играчи од Кипар“.

Синот на Буштур кажа и за кого ќе навива во денешното финале меѓу МЗТ Скопје и Работнички.

„Цел живот навивам за МЗТ Скопје, но бидејќи ова е прва година во која Купот го носи името „Благоја Георгиевски Буштур“, би сакал да победи Работнички, поради татко ми кој цела кариера ја помина таму. Знам дека Работнички беше неговиот живот и тој сигурно ќе навиваше за него“.

Вечните ривали ќе излезат на терен во борба за трофејот во Купот денес во 17:30 часот.