Наумоски: Ги вративме сите долгови, Федерацијата ја предаваме деблокирана!

Петар Наумоски, македонската кошаркарска легенда, веќе не е претседател на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), а неговото место во „куќата на кошарката“ го доби Перо Антиќ.

На Изборното собрание, првиот Македонец кој играл во НБА-лигата ја доби довербата од клубовите како единствен кандидат. Наумоски по крајот на мандатот во МКФ, се огласи со соопштение.

  • Соопштението на Петар Наумоски:

Би сакал да им се заблагодарам на сите соработници и поддржувачи во изминативе четири години, да истакнам дека заеднички се донесоа доста промени, позитивни во интерес на кошарката. Можеби некој ќе каже дека можело повеќе, јас ќе кажам дека секогаш може подобро и повеќе меѓутоа уверен сум дека со овие ингеренции што МКФ и раководството ги има ова е максимумот.

Сметам дека и се оддолживме на оваа спортска институција и на кошарката преку нашето ангажирање и посветеност во последните четири години. Ја деблокиравме 16-годишната блокада на сметката на федерацијата, ги вративме сите долгови што само во континуитет се таложеле, ја доведовме федерацијата во стабилна, сигурна па и профитабилна организација, што всушност е работа и обврска на едно успешно раководство на која било институција.

Кошаркарскиот дом за федерацијата е добиен од пред 15-тина месеци, но се уште го немаме добиено во владение поради имотно правни кочници и таму беше зацртана целата програма за развој на младите во текот на сите 12 месеци во годината, а не само 45-60 дена пред секое европско младинско првенство. На новото раководство им посакувам успех и добри резултати во нивното работење.

Петар Наумоски на претседателското столче седна во 2015 година, на местото на Даниел Димевски.