ФОТО: Наумоски и Гавриловска гледаа и анализираа, Перо Антиќ славеше

Претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија (МКФ), Петар Наумоски, во друштво на генералниот секретар Моника Гавриловска го проследија дуелот од Суперкупот меѓу Фенербахче и Ефес, во кој на крајот се радуваше нашиот интернационалец Перо Антиќ.

Наумоски во Турција беше на работна посета и доби одличен прием затоа што во два наврати во својата богата кошаркарска кариера настапуваше за Ефес. По мечот, тој дури и доби шанса да направи анализа на натпреварот и изјави дека Фенербахче бил подобар во првиот период.

„Фенербахче играше подобро во првиот период, а потоа тоа го потврди и во вториот. Ефес успеа да се врати, но изледаше како тие повеќе да ја посакуваа победата. Беше одлично повторно да го гледам Ефес, но атмосферата беше многу поразлична. Имаше многу странци на теренот. Од турските играчи тука се Осман и Коркмаз, но уште се млади, им треба искуство. Јас не сум за доминацијата на странски кошаркари. Ја разбирам желбата на екипите да станат шампиони во Евролигата, но ако се се базира на странци, ќе се загуби старата атмосфера“, изјави Наумоски за интернет-страницата на Кошаркарската федерација на Турција.

Покрај следењето на мечот од Суперкупот, Наумоски и Гавриловска во Турција претходно имаа средба со првиот човек на турската федерација, Харун Ерденај со кого разговараа за подлабока соработка меѓу двете федерации, подигната на уште повисоко ниво.