Не беше лесно да се прифати дека МЗТ Скопје на две секунди до крајот ја загуби можноста да ја продолжи серијата на победи. Тренерот Александар Јончевски по мечот со Мега Лекс, кој гостите го добија со 76-77, истакна дека повторно би ги направил истите потези и дека можеби со добра реализација на слободните фрлања, исходот ќе беше поинаков.
Лоши први две четвртини, па пресврт и меч топка да се дојде до четвртата победа во серија за кошаркарите на МЗТ Скопје. И кога се беше како сервирано за да се заврши годината во голем стил, тројката на Данило Николиќ ги сруши сите надежи и сите илузии на скопските кошаркари. Кобни беа трите промашени слободни фрлања во периодот кога се „кршеше“ резултатот. МЗТ Скопје не ја заврши работата до крај и затоа беше казнет. Поразот од 76-77 е тешка „шлаканица“ за амбициите на МЗТ Скопје, и сега е на кошаркарите да се издигнат и да покажат дека можат одново да почнат победничка серија. А наредниот натпревар е еден од ретките за кој нема потреба за мотивација. Градското дерби со Работнички во среда ќе ја заврши турбулентната 2015 година за најдобриот македонски кошаркарски клуб.
Кошаркарите на МЗТ Скопје ја прекинаа победничката серија во АБА лигата, откако попладнево на домашен терен загубија од српскиот тим Мега Лекс со 76-77 (18-20, 21-21, 17-18, 20-18) во ладниот амбиент на СЦ “Јане Сандански“.