Највисокиот и најнискиот кошаркар во НБА ќе играат во ист тим!

Лос Анџелес Клиперс направија вистинска висинска атракција во својот ростер, откако потпишаа двонасочен договор со 226 сантиметри високиот Џамарион Шарп. Со неговото доаѓање, Клиперси во истиот тим ги имаат и највисокиот и најнискиот кошаркар во НБА лигата.

Шарп е висок 226 сантиметри, додека Јуки Кавамура има само 170 сантиметри. Тоа значи дека разликата меѓу двајцата е неверојатни 56 сантиметри. Шарп воедно ќе биде највисокиот играч во НБА во сезоната 2026/27, пред Виктор Вембањама со 224.

Ваква комбинација во еден НБА тим не е видена речиси четири децении. Последен пат највисокиот и најнискиот играч во лигата биле соиграчи во сезоната 1987/88, кога Вашингтон Булетс ги имаа Мануте Бол, висок 231 сантиметар, и Муги Богс, кој беше висок само 160 сантиметри.

Шарп доаѓа во Клиперси со репутација на одличен заштитник на обрачот. Во развојната лига минатата сезона просечно бележеше 8,9 поени, 7,7 скока и дури 4,4 блокади, со 77% реализација од игра, а беше прогласен и за најдобар дефанзивец.