Најтажниот ден во кошаркарската историја: Пред една година загина Коби Брајант

На денешен ден пред точно една година се случи најголемата трагедија во кошаркарската историја, затоа што животот го загуби еден од најголемите на сите времиња – Коби Брајант.

Легендата на светската кошарка го загуби животот во хеликоптерска несреќа заедно со уште девет лица, меѓу кои и неговата ќерка Џиана. Трагедијата се случи утрото на 26 јануари додека хеликоптерот се движеше кон спортската академија на Брајант, каде неговата ќерка требаше да одигра натпревар.

Официјалното простување од Коби се одржа на 24 февруари во „Стејплс Центар“, на кое навивачите на „езерџиите“ имаат можност да се простат од својот кошаркарски идол, кој прерано ги напушти. 

41-годишниот Брајант беше легенда на Лос Анџелес Лејкерс и целиот свој живот како играч им го посвети на „езерџиите“. „Црната Мамба“ 18 пати беше дел од НБА Ол-Стар викендот, со Лејкерси освои пет шампионски прстени, двапати беше најдобар стрелец на лигата, а во сезоната 2007/08 беше избран за МВП на сезоната.