• Иван Димовски
Легендарната НБА франшиза Лос Анџелес Лејкерс наскоро ќе добие нов сопственик, откако семејството Бас реши да го продаде мнозинскиот дел од акциите во клубот. Како што објави реномираниот новинар Шемс Чаранија, семејството ќе ја пренесе контролата врз франшизата на Марк Волтер, човекот кој е извршен директор на компанијата "TWG Global", а досега малцински сопственик во структурата на Лејкерси.
Вредноста на тимот од Лос Анџелес според проценките изнесува неверојатни 10 милијарди долари, што ќе ја направи оваа трансакција најголема продажба на спортски тим во историјата. И покрај промената, Џини Бас ќе остане гувернер на франшизата, но семејството Бас по цели 45 години повеќе нема да биде мнозински сопственик од 1979 година кога Џери Бас го купи клубот од Џек Кент Кук за 67,5 милиони долари.
Лејкерси преминаа во рацете на неговите деца по неговата смрт во 2013 година, а сега клубот со 17 шампионски титули влегува во нова ера. Марк Волтер, кој веќе е делумен сопственик на Лејкерси од 2021 година, има инвестиции и во други спортови од бејзбол тимот Доџерс, преку ВНБА екипата Спаркс и Ф1 тимот на Кадилак, до женскиот хокеј и Били Џин Кинг Купот во тенисот.
Сè уште не е обелоденето колку точно ќе плати Волтер за уделот на семејството Бас, но едно е сигурно Лејкерси добиваат ново поглавје.
ФОТО/PHOTO: LA Lakers/Twitter