• Саше Љолес
Поранешниот агент на Василије Мициќ, Никос Спанос, поднел тужба против српскиот кошаркар поради наводен долг од дури 600.000 евра.
Оваа сума Спанос ја бара како компензација за преговорите за трансферот во Хапоел Тел Авив, иако преминот официјално го комплетираше шпанскиот супер-агент, Игор Креспо. Според информациите, Гркот смета дека ги започнал преговорите со Хапоел, но потоа добил известување дека Мициќ ја прекинува соработката со него.
Спанос е убеден во своите тврдења и вели дека му припаѓа одредена финансиска сума, која се движи помеѓу 400 и 600 илјади евра. Целата ситуација веројатно ќе заврши на судските инстанци.
Мициќ сезонава беше најплатен играч на стариот континент, а неговиот Хапоел доживеа елиминација од Реал Мадрид во четвртфиналето на евролигашкиот плеј-оф. Српскиот репрезентативец има тригодишен договор со израелскиот тим, вреден 18 милиони евра.
Сезонава играше во променлива форма, бележејќи учинок од 11,5 поени, 2,8 скока и 4,2 асистенции по натпревар.
