• Мартин Танасковски
Македонскиот кошаркарски бисер Андреј Шошкиќ ја започна својата колеџ-сезона во САД на спектакуларен начин, водејќи го Стони Брук до победа од 66-59 над Фармингдејл стејт во првото коло од новата сезона на НЦАА-лигата.
Младиот македонски репрезентативец покажа дека со право се смета за еден од најперспективните играчи од регионот, остварувајќи импресивни статистики. Шошкиќ го заврши натпреварот со 20 поени, четири скока, една асистенција и две украдени топки, што беше доволно не само за да биде најдобар поединец на теренот, туку и да го одведе својот тим до сигурна победа во тежок и израмнет натпревар.
Особено впечатлива беше неговата прецизност во шутот, бидејќи реализираше 70 проценти од обидите од игра, 4/5 за два поени, 2/4 за три и совршени 4/4 од линијата за слободни фрлања. Иако беше негов деби настап во американската универзитетска лига, Шошкиќ настапи со самодоверба.