Најдобриот македонски кошаркарски судија ќе суди на Евробаскетот

Најдобриот македонски кошаркарски судија, Игор Митровски, доби уште едно големо признание од ФИБА – тој е еден од 54-те избрани арбитри кои ќе судат на претстојниот Еуробаскет 2025, што летово ќе се одржи во Летонија, Финска, Кипар и Полска.

За Митровски ова ќе биде трето учество на Европско првенство во сениорска конкуренција, по дебито во 2015 година и настапот во 2022. Со ова се потврдува неговиот статус како дел од врвната судиска елита на ФИБА, каде е високо ценет поради прецизноста, авторитетот и професионалниот пристап на теренот.

Пред настапот на сениорскиот шампионат, Митровски ќе биде дел и од јуниорскиот Еуро шампионат (У18) што ќе се одржи во Белград од 26 јули до 3 август, каде ќе настапи и јуниорската репрезентација на Македонија.

Со ова, Игор Митровски уште еднаш ја потврдува својата улога како врвен спортски амбасадор на Македонија во европската и светската кошаркарска арена.