• Мартин Танасковски
Баерн Минхен им се врати на победничките патеки во Евролигата, откако во рамки на 22. коло на домашен паркет го совлада актуелниот европски шампион Панатинаикос со резултат 85-78.
Иако грчкиот состав контролираше голем дел од натпреварот и со минимална предност од 64-60 ја дочека последната четвртина, завршницата целосно им припадна на домаќините. Баерн одигра извонредни десет минути, демонстрирајќи цврста одбрана и висок напаѓачки ритам, со што направи серија што целосно го смени текот на мечот.
Германскиот тим во последниот период постигна дури 27 поени, додека Панатинаикос беше ограничен на само 14, што овозможи пресврт и сигурна победа пред домашната публика. Клучна беше агресивноста на Баерн во рекетот, подобрата контрола на скокот и прецизната реализација во решавачките моменти.
Кај гостите најрасположен беше Џеди Осман со 20 поени, но неговиот учинок не беше доволен за да се избегне поразот во Минхен. На спротивната страна, водечка фигура кај Баерн беше Џесуп, кој мечот го заврши со 16 поени и значаен придонес во серијата што го реши натпреварот.
Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ го одигра најдобриот меч во дресот на Баерн Минхен. Плејмејкерот постигна девет поени, со уште пет асистенции и два скока зад своето име во 21 минута на паркетот. Вториот „македонски“ играч на теренот, Ти-Џеј Шортс, за Панатинаикос даде осум поени, со уште три асистенции и два скока за исто така 21 минута на паркетот.



