Најавите јасни - НБА би можела да се игра од пладне до полноќ!

Сè поизгледно е сценарио во кое НБА лигата ќе се заврши на една локација каде би се играле сите натпревари. Во пол-позиција да го добие тој „лукзуз“ е фамозниот Дизниленд во Орландо, Флорида. 

Според новинарот на „Јаху Спортс“ Кит Смит, кој беше првиот кој ја пренесе спектакуларната информација околу НБА лигата во Дизниленд, сега одново го привлече вниманието со форматот кој би требало да се користи по рестартот. 

Тој напиша дека до него стигнале информации како натпреварите би започнувале во 12:00 часот напладне по локално време, а би се играле натпревари се до полноќ што е слично на Летната лига. Овој формат според најавите би требало да се користи само во регуларниот дел, додека плеј-офот ќе се одигра во стандардни термини, но сè уште не се знае дали во една сала. 

Челните лица на НБА лигата треба во наредните денови да донесат одлука околу продолжувањето на сезоната и да се стави крај на шпекулациите околу враќањето на најсилната кошаркарска лига на светот.