• Горан Упале
Ситуацијата во кошаркарскиот клуб Работнички е драматична. Најтрофејниот се соочува со сериозна финансиски криза, поради која не може редовно да ги извршува обврските кон играчите и стручниот штаб.
Поради ова советникот во Општина Центар, Ненад Матевски, побара итно да се свика вонредна седница на советот и финансиски да му се помогне на клубот. Во спротивно, „центарци“ може да го доживеат најцрното сценарио.
„Почитувани центарци читајќи ги медиумите за случувањата во кошаркарскиот клуб Работнички кој е во 100% сопственост на Општината Центар и воедно за доцнењето на ваучерите од кои се финансираат спортските клубови и спортисти решив како советник во Општина Центар да поднесам барање за свикување на вонредна седница согласно член 40 став 1 од законот за локална самоуправа со цел: Прераспределба на средства за помош на КК Работнички АД Скопје во износ од 4.000.000 денари.
Се со цел решавање на финансиските потреби на клубот со надеж дека во брзо време ќе се реши состојбата со ваучерите. Заради формирање на новото министерство за спорт и млади сеуште не се доделени ваучерите од кои се финансира и КК Работнички АД Скопје, а воедно со написите од медиумите генералниот спонзор МТЕЛ Мк ги намалил средствата, Работнички е доведен во финансиски проблем и не може да функционира и му се заканува, сите играчи да ги раскинат договорите и со тоа да не може да се натпреварува во првата кошаркарска лига. А согласно правилата на КФСМ секое не натпреварување во распоредот направен од КФСМ се казнува со казна играње во понизок ранг и исклучување од лигата.
За оваа иницијатива за вонредна седница имам поддршка од осум советници долепотпишани и истата иницијатива ја доставувам до Претседателот на совет на Општина Центар и барам да биде закажана во рок од 24 часа од приемот на оваа иницијатива“, пишува во објавата која што се најде и на профилот на Работнички на Фејсбук.
Работнички оваа сезона се натпреварува и во АБА2 лигата, која ја започна со пораз од Сутјеска.