На повидок „распад систем“ кај ЛА Лејкерс, заминуваат неколку ѕвезди

Американските медиуми силно шпекулираа деновиве дека Леброн Џејмс бил крајно разочаран од елиминацијата во „плеј-офот“ од Денвер Нагетс и дека размислува за пензионирање, но новите информации говорат нешто сосема поинакво. 

Сè поизвесно е дека „кралот“ ќе продолжи да игра и ќе ја започне новата сезона како член на Лејкерси, но големо прашање е со кого ќе ја дели соблекувалната, затоа што најавен е мал „егзодус“ на играчите од овосезонскиот ростер. Договорите им истекуваат на дури осум кошаркари, а Генералниот менаџер на клубот Роб Пелинка веќе најави дека управата планира да преземе сериозни чекори за создавање нов тим. 

ДиАнџело Расел и Малик Бизли наскоро остануваат без договори, Лони Вокер и Руи Хачимура имаат опција во договорот да одберат и друга екипа по желба, додека слободни агенти стануваат Денис Шрудер и Остин Ривс како и двајца играчи кои не добиваа преголема минутажа, а тоа се Трој Браун и Вењен Габриел. 

Сето ова води кон „распад систем“ на моменталната екипа на Лејкерс, а управата ќе има полни раце работа за да доведе квалитетни кошаркари кои ќе можат да се борат за високи дострели. „Кралот“ Џејмс очигледно нема намера да замине во спортска пензија и публиката ќе може да ужива во неговите мајстории уште најмалку една сезона.

Прашање е како ќе изгледа тимот на Лос Анџелес Лејкерс за следната сезона, но навивачите се надеваат на брза реакција од управата и создавање на квалитетен и силен тим. Голема е веројатноста во тимот да остане Ентони Дејвис, а тоа е позитивен сигнал за сите фанови на оваа НБА-франшиза.