На денешен ден пред две години почина најголемиот тренер во мак-историјата - Лазар Лечиќ

На денешен ден, 13 август, пред точно две години, во 86. година од животот, почина големиот тренерски ум, Лазар Лечиќ - една од најголемите легенди во историјата на македонската кошарка, активен во овој спорт повеќе од 60 години.

Со своите знаења и енергија во кошарката, препознатливиот стил и лична харизма, остави траен белег во историјата на македонскиот спорт. Мајстор за играта во одбраната, постигна големи резултати, беше тренер пред времето, менаџер, мотиватор и „магнет“ за публиката. Со својот шмек и досетливост знаеше како да ги придобие симпатиите не само на играчите со кои работеше, туку и на публиката и целокупната јавност. 

Историско и вечно име, личност со која се гордеат спортот и кошарката во Македонија, во поранешната СФРЈ и во Европа. Трет тренер е по бројот на победи (162) во најсилната светска кошаркарска Лига, југословенската, веднаш зад славните и трофејни селектори на А-репрезентацијата Мирко Новосел (233 победи) и Ранко Жеравица (225).

Лечиќ е од најдобрите кошаркарски тренери во историјата на Југославија, почитуван од сите генерации, вклучително и од најславните кошаркари и тренери.

Кошаркар на КК Работнички од 1957 до 1962 година. Според многумина, најдобар тренер во историјата на македонската кошарка и најзначаен за подемот на КК Работнички во СФРЈ и Европа. Основоположник на врвната и професионалната кошарка во Македонија.

Како помошник тренер со А-репрезентацијата на СФРЈ, стана светски шампион во Љубљана, освои сребрен медал на Европското првенство во Казерта, беше победник на Балканијадата во Солун, носител на медал од Медитеранските игри... Како селектор на младата репрезентација на СФРЈ, ја освои Балканијадата во Риека и беше четврти на Европското првенство во Атина.

Лазар Лечиќ од 2001 година е член на Клубот на Великаните на Македонскиот Олимписки Комитет (МОК), што претставува посебна чест за секој спортист и спортски работник во Македонија, еден од малиот број одбрани великани кои ги исполнија строгите критериуми на МОК што се однесуваат не само на резултатите во спортската кариера. Тој беше член на Олимпискиот Совет и на Собранието на МОК. Еден од главните промотори на високостручен тренерски кадар во Македонија.

Одликуван е со Медал за заслуги за Република Македонија. Добитник на Државните награди „8 Септември“ за животно дело во областа на спортот“ и „11 Октомври“, наградите „13 Ноември“, „Златна Буба Мара на популарноста“...

Во неговата богата тренерска кариера која траеше 38 години, успешно ги водеше: Работнички (петти во СФРЈ, финале на Купот, полуфинале во КПК), Борац од Чачак (четврти во СФРЈ), Олимпија од Љубљана (финале на Купот на СФРЈ), Војводина од Нови Сад, МЗТ Скопје (го водеше и во Првата лига на СФРЈ, го освои Купот на Македонија), Арис од Грција во најславните времиња на овој европски гигант (ги освои првенството и Купот на Грција, го водеше тимот предводен од Галис, Јанакис, Суботиќ и другите, како и во Купот на европските шампиони) и Николферт од Гостивар. 

За големината на Лазар Лечиќ, пример за огромен квалитет, професионалец и динамика, сведочи и документарниот филм “Шестиот играч“, посветен нему, а во кој се зборува за неговата блескава и трофејна кариера. 

Неговиот омилен Работнички не ја заборави величината и сите дела што ги остави зад себе. Новата реновирана сала во градскиот парк во Скопје денес го носи токму неговото име.