МЗТ загуби шанси за второ место, Куманово по пет години слави во Аеродром

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје на домашен терен загуби од Куманово (76-83) и со тоа ги загуби шансите за освојување на второто место пред влегувањето за разигрување за титула во Суперлигата.

  • Комплетниот натпревар меѓу МЗТ Скопје и Куманово: 

Аеродромци промашуваа во клучните моменти и влегуваа од грешка во грешка. Дарко Радуловиќ сигурно ќе има што да им каже на своите кошаркари, кои трипати не погодија за три во низа и не покажа стабилна игра. Воедно, се подарија и две топки во финишот, па Куманово го искористи тоа и го грабна триумфот, прв за нив по пет години во „Јане Сандански“ по оној триумф во 2016 година.

Дуелот почна во знакот на МЗТ Скопје. Домашните отворија фуриозно, стекнаа позитива од седум поени (7-0), која ја држеа се до финишот на првиот квартал, кога од 14-7, Куманово влезе во серија и со седум поени во низа го сврте мечот во своја полза и првпат поведе (16-17). Во вториот квартал, Стојановски беше главна алка на домашните од Аеродром. Македонскиот репрезентативец блескаше, Куманово немаше лек за него, па со неколку поени во низа на шутерот, МЗТ на пауза замина со 39-32. Гостинот пак се врати во натпреварот во средината на третиот период, кога Андрејевиќ и Ѓекиќ поентираа (46-45), па оттогаш се до крајот дуелот беше неизвесен.

МЗТ и Куманово си го предаваа водството, а највисоката разлика ја имаше Куманово кога на две минути пред крајот дојде до „плус четири“ (70-74) благодарение на Ливингстон. Во следниот напад МЗТ не реализира преку Тарнер, па Куманово погреши, тоа го казни Мекиќ со тројка (73-74), а откако Робев погоди два „пенали“, домашните беа под притисок, па трипати по ред не реализираа за три. Така, Андрејевиќ фати топка во дефанзивен скок под фаул, погоди едно од двете слободни фрлања, па Тарнер загуби топка и беше јасно дека Куманово победи во Скопје.

Најдобар кај победникот беше Ливингстон со „дабл-дабл“ од 20 поени и 11 асистенции, а го следеше Андрејевиќ со 17 поени. Кај МЗТ, Стојановски постигна 16 поени, а поддршка му беше Мекиќ со 13 поени, пред Карачиќ со 12 поени.