МЗТ загуби од најслабиот тим во лигата и „избега“ од Работнички!

Екипата на МЗТ Скопје приреди изненадување на своите навивачи и на гостински терен загуби кај Црн Дрим (90-88), со што во разигрувањето за титула ја одбра позицијата „четири“ и во плеј-офот ќе игра со Куманово.

Дуелот во СЦ „Тими“ во Струга беше неизвесен до самиот финиш, нешто што е големо изненадување ако се споредат ростерите на двата тима. Победникот го дадоа последните 60 секунди во кои поголема концентрација имаше -. Уште од стартот беше јасно дека МЗТ ќе се мачи, затоа што немаше решение за нападот на Црн Дрим кој делуваше доста ефикасно и разиграно.

На паузата домашниот тим имаше 48-42, а иако аеродромци предводени од странските кошаркари успеаја во третиот квартал да уфрлат 30 поени и да направат пресврт (66-72), сепак, тоа не беше доволно за мирен финиш. Настовски и Стаменковиќ беа главни играчи кај Црн Дрим на овој натпревар. Го вратија својот тим во егал во финишот, а Пантиќ и Коскоски врзаа пет поени во низа за враќање на предноста на контото на Црн Дрим (85-86). На 22 секунди пред крај на семафорот стоеше 88-88, последниот напад го имаше тимот на Чочороски, Настовски поентира и му нанесе удар на се уште актуелниот првак во мак-баскетот (90-88).

Црн Дрим до победата дојде на српски погон. Стаменковиќ беше најдобар со 21 поен, пред Соколовиќ со 17 и Пантиќ со 15 поени. Кај МЗТ Скопје, Бојиќ постигна 20 поени, пред Гравет кој заврши со 18 поени, додека трет стрелец беше Стојановски со 13 поени.

Поразот на МЗТ кај Црн Дрим е големо изненадување, за тим каков што имаат аеродромци и за буџетот со кој располагааат. Колку за илустрација, ова беше втора победа за Црн Дрим сезонава, или прва по 19 порази во низа. Иако си поиграа со реномето, кошаркарите на МЗТ „избегаа“ од Работнички и во евентуалното полуфинале во плеј-офот, „штрковите“ сега би играле со подобриот од натпреварот од серијата меѓу Пелистер и Академија ФМП.