МЗТ вторпат го одбрани Аеродром од Пелистер и е на победа до нова титула!

Кошаркарите на МЗТ Скопје не дозволија изненадување и вторпат го одбранија домашниот терен, совладувајќи го Пелистер со 75-67. Со тоа шампионот поведе со 2-0 во финалната серија на Првата македонска кошаркарска лига, пред серијата да се пресели во Битола. Вториот натпревар во СЦ „Јане Сандански“ беше израмнет на стартот, меѓутоа потоа фаворитот изгради предност која успешно ја одбрани до крајот.  

  • Комплетниот натпревар меѓу МЗТ Скопје и Пелистер: 

Пелистерци подобро отворија во Скопје, поведоа на стартот и изгледаа добро. Сепак, откако не успеаја да се одлепат, МЗТ бргу се врати до егал и презеде контрола врз мечот. Со одлична серија „штрковите“ уште во првиот период поведоа двоцифрено. До полувремето ништо не се промени, фаворитот во серијата контролираше и речиси константно водеше со двоцифрена позитива, а на пауза се замина со +9 (44-35). 

Гостинот од Битола имаше амбиции да го загрози домаќинот, меѓутоа како да немаше сили за такво нешто. Само во неколку наврати Пелистер успеа во третиот период да се пробие под двоцифрената граница, а во одлучувачката четвртина се влезе со 62-50. И во неа МЗТ играше рутински, го држеше противникот на безбедна дистанца и чекореше кон победа. Последниот налет на пелицерци беше пред завршницата, кога со мини-серија од 7-0 ја преполовија негативата и пријдоа на 69-63. Аеродромци тогаш влегоа во серија грешки, ама и Пелистер не искористи три напади за да пријде на минус четири. Тогаш многу важна тројка погоди Војдан Стојановски и го поведе тимот до победата. Токму Војдан беше најефикасен кошаркар на паркетот со вкупно 23 поени, додека кај пелистерци се истакна Андреј Маслинко со „дабл-дабл“ од 16 поени и десет скока.

Сега во серијата следуваат натпревари во Битола. Првиот ќе се игра на четврти јуни, а тогаш МЗТ ќе ја има првата „меч-топка“ за трофејот.