• Саше Љолес
Кошаркарите на МЗТ Скопје извојуваа многу важна победа во првиот четвртфинален натпревар од АБА2 лигата и убедливо го совладаа Широки со конечен резултат 85-69.
Натпреварот не започна како што посакуваше нашиот претставник. Широки наметна силен ритам во првата и втората четвртина и сериозно се закани, но аеродромци успеваа некако да се одржуваат во мала негатива и не дозволуваа ривалот премногу рано да се „одлепи“. Имаше МЗТ свои моменти, но и Босанците прикажаа солидна игра, а на паузата резултатот гласеше 37-41.
„Металците“ очигледно добиле правилни совети од Васко Атанасов и веднаш по паузата стартуваа фуриозно во вториот дел, а тоа резултираше со одлична серија од 9-0. Домаќините потоа поведоа со 54-45, а Широки во овие моменти делуваше малку загубено на теренот, но бргу се созема и се врати на четири поени разлика, а во пресрет на последната четвртина резултатот беше 58-54.
МЗТ тргна силно во последните десет минути и започна да игра многу поцврсто во одбраната. Широки почна да греши и да губи топки во нападот, а во овие моменти се разбуди и неверојатниот Војдан Стојановски кој постигна неклку важни поени. Аеродромци имаа „плус 16“ во 38. минута, а на крајот славеа победа со конечни 85-69 и обезбедија солидна залиха за реваншот во Босна и Херцеговина, кој се игра за точно седум дена.
Најефикасен кај МЗТ Скопје беше искусниот Војдан Стојановски со 21 поен, Харис Делалиќ додаде уште 17, додека кај Широки најдобар поединец беше Мартин Јунаковиќ со 16 поени.