МЗТ уште еднаш одигра срамно, Игокеа без проблеми го освои Скопје

Екипата на МЗТ Скопје доживеа нов пораз во регионалната АБА-лига, вкупно тринаесетти оваа сезона, откако на домашен терен загуби од Игокеа (68-77) и направи голем чекор назад во битката за опстанок во најелитното јадранско кошаркарско натпреварување.

Босанскиот колектив одигра одличен натпревар, го држеше водството во свои раце 40 минути и на македонскиот тим му удри уште една шлаканица. Триумфот во Скопје беше своевиден реванш за поразот на првата средба пред домашната публика во „Лакташи“ од МЗТ, кој успеа да слави пред два месеци воден од Тодоров. Опстанокот за МЗТ во АБА-лигата е се подалеку, а Лукајиќ тешко успева да се справи со кошаркарите и да го воигра тимот како што тој посакува.

Аеродромци натпреварот го започнаа катастрофално. Дозволија да бидат натскокани, примаа лесни поени, што донесе предност од 4-13 за гостите. Шутот за три исто така не работеше, но Дамјан Стојановски и Доминик Мавра се разиграа кога беше најпотребно, па донесоа само три поени негатива по 10. минути игра (16-19).

МЗТ беше во егал со Игокеа до средината на вториот период, кога беше 27-27, но следеше голем пад, брзоплети грешки и загубени топки кои гостинот ги казни и преку Јефтовиќ и Радивојевиќ поведе со 27-34. Шампионот пак се врати до полувремето на три поени (33-36) со атрактивно забивање на Мајсторовиќ, минималната предност за гостите остана и по 30. минути игра (52-53), а потоа следеше катастрофата на МЗТ.

Капитенот Стојановски беше повлечен од игра на стартот на последниот период за да земе здив, што се одрази негативно на првакот. Следеа три грешки во низа, три загубени топки, што на Игокеа ѝ донесоа напади кои преку транзиција завршија со реализација донесоа предност од 55-64, висока позитива која остана во полза на гостите од крајот на средбата.

Најдобар кај победниците беше поранешниот „штрк“ Љубичиќ со 21 поен, додека кај МЗТ Скопје, Стојановски заврши со 14 поени, а Лалиќ, Трајковски и Мавра постигнаа по 12 поени.