МЗТ убедливо го загуби првото финале со Приморска за АБА-лига

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје не успеа да изненади во првиот дуел од финалната серија во АБА-2 лигата против Приморска и на гостувањето во Словенија доживеа висок пораз (93-71).

Избраниците на Кочов беа во негатива речиси цел натпревар и константно бркаа резултат, но ниту еднаш не успеаја да го загрозат водството на Приморска кое беше стекнато по само десет минути игра. Шанса за реванш „штрковите“ ќе имаат утре, повторно во салата „Бонифика“, каде е закажан вториот меч од финалето за влез во АБА-лигата кое се игра до три добиени.

Тимот од Аеродром беше конкурентен само седум минути, по кои на семафорот стоеше 18-17. Потоа почна доминацијата на Приморска, која траеше во останатите минути од мечот. До крајот на првите десет минути, домаќинот поради грешките на МЗТ се одлепи на 28-19, додека во вториот дел од мечот, Харис беше незапирлив, постигна неколку тројки, па Приморска на полувреме имаше високи 53-38.

Третиот и четвртиот квартал беа само рутина за домаќинот и константно се одржуваше предноста. Во третиот дури и се зголеми на +22 (76-54), висока позитива која остана и до крајот на натпреварот (93-71).

  • Извештај од натпреварот: 

Најдобар кај победникот беше Харис со 24 поени, додека Чакарун постигна 16 поени, а кај МЗТ Скопје, Иванов реализира 13 поени, а Бојиќ беше стрелец на 12 поени.

  • Забивањето на Предраг Самарџиски: 

Вториот меч меѓу Приморска и МЗТ Скопје е закажан утревечер од 20:00 часот, а потоа следат два натпревара во Македонија, во СЦ „Јане Сандански“.