МЗТ убедливо го совлада Еуро Никел и ја запечати лидерската позиција

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје продолжи да победува во домашниот шампионат и убедливо славеше во дуелот со Еуро Никел (93-60) кој се одигра во рамки на 17. рунда.

Избраниците на Самарџиев не беа конкурентни во Аеродром, а домаќинот беше тимот што го диктираше темпото. Со овој триумф МЗТ сигурно е дека во следната рунда, Суперлигата, ќе патува како лидер. Шутот на гостинот беше катастрофален, скромни 33% (21/63) а тоа аеродромци го искористија максимално.

Уште од стартот на мечот МЗТ даде до знаење дека Еуро Никел нема што да бара во „Јане Сандански“. Водени од македонските кошаркари, домашните се одлепија двоцифрено (14-3), па гостите само бркаа. До крајот на првата четвртина беше 20-13, висока предност која остана и до полувремето (43-31), а во третиот квартал Еуро Никел даде само десет поени и си ја запечати судбината (72-41) на гостувањето.

Најдобар кај домашните беше Олуџоби со 22 поени, Стојановски заврши со 14, а Крстевски и Ерон имаа по 13 поени, додека кај гостинот немаше ниеден кошаркар со двоцифрен учинок, а прво име кај стрелците беше Караколев со девет поени.

До крајот на првиот дел има уште едно коло, а МЗТ има скор 14-4. На делба на второто место се Работнички и Гостивар, со скор 12-5. Еуро Никел, пак, кој исто така ќе оди во наредната рунда се наоѓа на петтото место.