• Иван Димовски

Кошаркарите на МЗТ Скопје се веројатно пред најважниот меч оваа сезона во АБА лигата, гостувањето кај директниот конкурент во битката за опстанок, Борац Чачак. Во рамките на 23. коло „штрковите“ гостуваат кај српскиот ривал, со цел да се израмнат на табелата во пресрет на последните предизвици во сезоната.
Пред овој натпревар, бројките дефинитивно се против четата на Драган Николиќ. Аеродромци цела сезона не знаат за гостинска победа, иако во повеќе наврати беа близу до позитивен резултат надвор од Скопје. Сега, мора да се нападне победа повисока од осум разлика, со колку што Борац победи во Аеродром, бидејќи на табелата одлучува меѓусебниот скор. Србите ја држат позицијата која води во баражот, а е цел на МЗТ Скопје, поради тоа што ривалите над последните две места се одлепија и се три чекори понапред.
Борац во пресрет на натпреварот не покажа големи манири, го одби барањето на МЗТ Скопје за присуство на навивачката група „Фемили Аеродром“ која беше подготвена во одлична бројка да го поддржи тимот во најважниот натпревар. Тоа треба да биде мотив повеќе за играчите на Гаги да дојдат до петтата победа, која може да биде спасоносна. Досега пред МЗТ Скопје, но само во Скопје паѓаа Студентски Центар, Мега Баскет, Цедевита Олимпија, ФМП.
Иако букмејкерите му ја подарија фаворитската улога на Борац, време е МЗТ Скопје да дојде до првото гостинско славје во средбата која се игра во терминот од 19:00 часот.