• Саше Љолес
Кошаркарите на МЗТ Скопје се изборија за прва гостинска победа во АБА2 лигата, откако во тешка битка славеа кај екипата на Студент Игокеа со конечен резултат 82-85. Херој на нашиот тим беше Војдан Стојановски, кој ја запечати победата со тројка во последната секунда од натпреварот.
Аеродромци одлично го започнаа мечот и го добија првиот период со 27-19, а во втората четвртина ја зголемија предност за уште два поени, па така на паузата меѓу двете полувремиња резултатот гласеше 37-47.
Имаа играчите на Васко Атанасов двоцифрена позитива во најголем дел од третата четвртина, но домаќинот успеа малку да го возврати ударот и се врати на -6 во пресрет на последните десет минути.
Студент Игокеа ја отвори последната делница со погодена тројка, со што комплетно ја врати неизвесноста во мечот. Елајџа МекКејден беше најрасположен кај „металците“ и се обидуваше да ги „размрда“ своите соиграчи, но на моменти ја губеше концентрацијата и имаше дури шест загубени топки.
Следуваше период на неефикасна игра на двете страни, без големо менување на резултатот. На семафорот стоеше 67-70 повеќе од три минути, а потоа Игокеа доби шанса и за преземање на водството. МЗТ имаше постигнато само два поена во овој период, што резултираше со тајм-аут на гостинската клупа.
Студент поведе со 73-70 и беше во подобар моментум, додека МЗТ Скопје остануваше во игра благодарение на разиграниот МекКејден. Се вратија аеродромци на 73-74 на две минути до крајот, а со тројката на Хуан Дејвис, МЗТ „побегна“ на 75-79 на 17 секунди до крајот. Домаќините возвратија со иста мера, а со фантастичната тројка на Фаракан израмнија на 82-82, на пет секунди до крајот. Во последниот напад, топката дојде до искусниот Војдан Стојановски, кој со спектакуларна тројка во последната секунда донесе важна победа за својот тим (82-85).
Најдобар поединец во победничкиот табор беше МекКејден со 26 поени, а на спротивната страна еден повеќе имаше Ноа Фаракан. Следен предизвик за македонскиот шампион ќе биде мечот против Јахорина на домашен терен.





