• Мартин Танасковски

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје успеа да слави над Цедевита Јуниор на домашен терен (87-82) во последниот дуел од сезоната во групната фаза за „штрковите“ во рамки на регионалната АБА2-лига.
Аеродромци испаднаа од трката за плејоф што беше големо разочарување кај навивачите, па така оваа сезона на Јадранот сама по себе е разочарувачка. И покрај заминувањето на двајца играчи, МЗТ дојде до победа за крај со која ја спушти завесата на сезоната во АБА-2 со скор 3-3 во групната фаза.
До победата македонскиот шампион дојде во последниот квартал. Двата тима беа во егал, а главната разлика се случи во финишот кога од 79-78, МЗТ замина на 87-80 и тука веќе дуелот беше готов затоа што немаше време за гостинот од Хрватска.
Најдобар стрелец кај МЗТ беше Војдан Стојановски со 17 поени, пред Маслинко со 12 поени, додека кај Цедевита Јуниор, Рашиќ и Шаре имаа по 17 поени.