МЗТ со одличен тимски перформанс ја надигра Мега за второ АБА-славје!

Кошаркарите на МЗТ Скопје одиграа одличен натпревар и заслужено ја победија Мега Лекс во Скопје со 94-82. Пресметката во СЦ „Јане Сандански“ мина во знакот на изедначената игра која три четвртини беше присутна, меѓутоа во финишот македонскиот првак се распука и дојде до втората сезонска победа во осмото коло на АБА лигата. 

Српскиот гостин отвори подобро, поведе уште од стартот бидејќи „штрковите“ како да спиеја. Александар Петровиќ успеа да го разбуди својот тим, кој се врати до егал и поведе со 25-21 на крајот на четвртината. До полувремето следеше целосно изедначено надигрување, МЗТ и Мега се менуваа во водството, но пред паузата домашните беа посконцентрирани. Тоа резултира со предност на аеродромци и на одмор се замина со 40-38. 

Второто полувреме тргна со одлична серија на МЗТ Скопје и дотогаш највисоката предност од девет поени. Сепак, како што дојде водството, така и замина бидејќи Мега се врати резултатски на минус два. До крајот на третиот период аеродромци беа во позитива, за во завршната четвртина да се влезе со +7. 

Четвртиот период беше уште подобар за „штрковите“ бидејќи бргу дојдоа до двоцифрена предност, а иако Мега Лекс во еден момент се врати до пет поени дефицит, тоа беше сè од Србите. МЗТ Скопје се распука, направи одлична серија и дојде до највисоки 90-73 пред завршницата. Веќе беше јасно дека бодовите ќе останат во Скопје, па во финишот Мега само ја намали разликата. 

Одличен тимски перформанс имаа кошаркарите на МЗТ бидејќи дури седуммина завршија со двоцифрен број на поени. Лидер на поентерите беше Бре Ајви со 15, пред Кефи со 14 и Војдан Стојановски со 12. По 11 на крајот имаа Дамјан и новајлијата Бурсаќ, додека со по десет финишираа Миќовиќ и Крстевски.