МЗТ со „метла“ против Работнички го врати трофејот во Аеродром!

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје третпат го совлада Работнички во финалната серија (85-78) и успеа да се врати на кошаркарскиот трон на Македонија по едногодишен пост.

Во ланското финале центарци му удрија „метла“ на ривалот и дојдоа до титула, а сега, ситуацијата е иста, но во корист на „штрковите“. Ѓорѓи Кочов ја освои првата шампионска титула во кариерата во првенството, а успеа да го надмудри еден од своите учители Марин Докузовски. За МЗТ Скопје ова е седма титула во историјата.

Натпреварот се реши во последниот квартал, иако и двата тима имаа свои блескави минути претходно и имаа шанса далеку порано да го решат мечот. Првиот период беше во знакот на МЗТ, до полувремето потоа доминираше Работнички (46-54), па по паузата, Работнички играше доста тешко, а тоа аеродромци ги искористија и создадоа висока разлика.

Третиот период беше најслабиот за гостинот од Центар, затоа што постигна само девет поени. МЗТ, пак, имаше одлична тимска хемија, целата петорка поентираше кога имаше шанса, па со 22 постигнати поени, во последните десет минути домаќинот влезе со предност од 68-63. Но, Работнички не се предаде, на стартот на последните десет минути направи серија од 0-7 преку Јанески, Младеновиќ и Костов, па најави изедначен финиш (71-70).

Но, по враќањето, Работнички како да снема сила. МЗТ додаде „гас“, далеку подолгата клупа го направи своето, па на четири минути пред крајот дојде на „плус десет“ (82-72). До финишот Работнички се бореше, меѓутоа, не успеа ништо повеќе од тоа да го намали поразот.

Најдобар во победата на МЗТ беше Иванов со 23 поени, Медфорд постигна 16 поени, а Стојановски заврши со 12 поени. Кај Работнички, Чековски и Костов завршија со по 17 постигнати поени.