МЗТ слави по девет кола во АБА, во Скопје падна Цедевита Олимпија!

Кошаркарите на МЗТ Скопје по девет порази, стигнаа до победа во АБА лигата и тоа против гигантот Цедевита Олимпија од 79-74. Средбата од 18. коло во СЦ „Јане Сандански“ покажа дека аеродромци растат под водство на Драган Николиќ. Неговите избраници одиграа одличен натпревар, издржаа под притисокот на фаворитот и заслужено дојдоа до многу важна победа. 

„Штрковите“ отворија солидно, уште од стартот се наметнаа и поведоа. Цедевита по воведниот шок успеа да се консолидира пред крајот на првиот период и дојде во прво минимално водство, ама втората четвртина во целост му припадна на македонскиот првак. МЗТ Скопје успеа првпат да поведе двоцифрено, имаше највисоки +14 и играше сигурно, а на одмор замина со „само“ шест поени позитива (41-35). 

Цедевита бркаше резултатски дефицит и по паузата за полувремето. Словенечкиот тим константно беше во негатива, за пред крајот на третиот период првпат да дојде до егал. И покрај тоа, МЗТ Скопје не дозволуваше целосен кам-бек на ривалот и ја одржуваше минималната позитива. Завршната четвртина ја карактеризираше израмнетата игра, Цедевита Олимпија ловеше минимален дефицит, а домашните кошаркари се држеа и не паѓаа под притисок. Првпат до израмнување Словенците дојдоа во седмата минута на последниот период. 

Јасно беше дека следи драма, аеродромци врзаа положување на Кефи и за жал само едно погодено слободно фрлање на Дамјан Стојановски. Иако Цедевита погоди две на спротивната страна, следеше тројка на Кефи, а потоа и загубена топка на гостите, по која дојде до одлична акција и забивање на Абу за +6 (72-66). Откако следеше грешка на спротивната страна, Кефи беше испратен на линијата и реализира две слободни фрлања за осум разлика. Цедевита притискаше до самиот крај, меѓутоа разликата беше висока и МЗТ запиша трета сезонска победа (79-74).

Кеандре Кук покажа зошто е доведен, со 26 поени го предводеше тимот, а одлична партија одигра и Војдан Стојановски со 18 поени.