МЗТ Скопје во финишот го најде решението за Пелистер

Екипата на МЗТ Скопје продолжи да игра во добра форма на домашната сцена откако славеше над Пелистер (87-73) во дербито на колото во рамки на 17-тата рунда од Суперлигата на Македонија.

Пелистерци се покажаа како незгоден ривал за разлика од претходните години во овој дуел во Аеродром, меѓутоа во финишот МЗТ Скопје си ја оствари зацртаната цел. Битолчани цело време беа близу до ривалот, а тимот на Атанасов го направи исчекорот кон посакуваната победа во последните десет минути во кои беше доминантен.

Мекејден имаше одличен меч за МЗТ Скопје со 23 поени, девет скока и шест асистенции, пред Смит со 16 постигнати поени. Вреди да се напомене дека првакот на овој меч беше без услугите на Војдан Стојановски кој е повреден.

Кај Пелистер, Вилсон имаше 17 поени и седум скока, него го следеше Стајиќ со 14 поени, додека Србинот Малешевиќ оствари дабл-дабл од 12 поени и десет скока. МЗТ Скопје има скор 16-1 во досегашниот дел од сезоната, додека Пелистер е третопласиран со 12-5.