МЗТ Скопје влегува во АБА, Работнички ја одби поканата во АБА-2

Македонија ќе добие директно место во регионалната АБА-лига наредната година, затоа што МЗТ Скопје доби промоција во најквалитетното кошаркарско натпреварување на Балканот.

Како што пишува црногорски „Вијести“, МЗТ патува во елитата и ќе го добие местото на Приморска која поради финансиска криза не доби лиценца. Аеродромци последен пат во АБА играа во сезоната 2017/18.

На спротивната страна, кога се говори за АБА-2, Македонија засега ќе остане без претставник затоа што Работнички добил покана, но, според „Вијести“, категорично одбил да игра во таа лига. Нови „дваба“-лигаши се Подгорица и Студентски центар.

Приморска, покрај што нема да игра во регионалните лиги, доживеа катастрофална судбина затоа што е исфрлена во најниската словенечка кошаркарска лига. Од „Вијести“ велат дека се очекува овие промени да бидат потврдени.

Во новата сезона од АБА-2 ќе играат Подгорица, Студентски Центар, Сутјеска, Ловќен (Црна Гора), Младост Земун, Нови Пазар, Слобода Чачак, Златибор (Србија), Хелиос (Словенија), Горица (Хрватска), Широки Бријег и Спарс (БиХ).

Покрај Работнички, покани за АБА-2 добиле Осијек и Рогашка, но и тие не искажале желба за настап.