• Иван Димовски
Кошаркарите на МЗТ Скопје не дозволија никакво изненадување и рутински се радуваа на гостувањето кај Вардар со 61-96, во натпревар од десеттото коло на Првата македонска лига. Шампионот изгради висока предност уште во првото полувреме, а потоа Васко Атанасов ја користеше ротацијата и рутински впиша нов триумф.
- Комплетниот натпревар меѓу Вардар и МЗТ Скопје:
Средбата тргна со серија на „штрковите“ од 0-6, ама вардарци успеаја да се вратат до егал. Сепак, бргу МЗТ го наметна својот ритам и уште до крајот на првата четвртина поведе со високи 12-34. До полувремето момците на Атанасов рутински ја бранеа предноста, за момент водеа со 27 поени, а на одмор се замина со 35-58.
Второто полувреме тргна со серија на аеродромци од 10-0 со која дојдоа на висока позитива од 33 поени која најчесто беше на семафорот во третата четвртина. Играјќи со доста ротации и давајќи им шанса на сите играчи, тимот од Аеродром не си дозволи опуштање и пред крајот поведе со максимални +35 за убедлив триумф.
Хусеин Бајрам од Вардар беше најефикасен играч на средбата со 17 поени. Во МЗТ Скопје со „дабл-дабл“ се истакна Баковиќ (13 поени, 10 скока), а Марин Петков финишира исто така со 13 поени на контото.