МЗТ Скопје убедливо го доби „братскиот“ дуел за втор триумф во Прва лига

По стартната победа над Кожув на гости, тимот на МЗТ Скопје го запиша и првиот триумф пред својата публика во новата сезона на Првата лига.  Македонскиот кошаркарски шампион без многу проблеми запиша нов успех, откако во братскиот дуел со МЗТ Скопје Уни Банка славеше со убедливи 108-77.

Новајлијата во мак-елитата одигра изненадувачки добар прв период, во кој играше рамо до рамо со големиот фаворит и на првата пауза замина со позитива од два поени (22-24). Но, набргу работите си дојдоа на свое место. Искусните кошаркари на Кочов во вториот квартал заиграа далеку поангажирано и веднаш ја презедоа иницијативата и направија разлика, по која прашањето на победникот веќе беше решено. 

На полувреме се замина со 55-44 за шампионот, додека во следните две четвртини водството на МЗТ Скопје од минута во минута се зголемуваше, во еден период достигна и 33 поени, но на крај застана на 31 позитива (108-77).

Маслинко со 27 и Магдевски со 21 беа најпрецизни во редовите на поискусниот тим, додека за новајлијата прв поентер беше Тодоровски со 19 поени. Останатите натпревари од второто коло се играат в сабота, а дербито меѓу Работнички и Гостивар се игра в недела.