• Саше Љолес

Кошаркарите на МЗТ Скопје се изборија за втор триумф во финалната серија од плеј-офот во Првата македонска лига и со одлична колективна игра го надиграа Пелистер со конечни 80-75. Актуелниот шампион започна бавно, но потоа презема сѐ во свои раце и не дозволи никакво изненадување пред својата верна публика во населбата Аеродром.
- Комплетниот натпревар помеѓу МЗТ Скопје и Пелистер:
Битолчани започнаа одлично и во првите десет минути покажаа дека неслучајно се во финалето од плеј-офот, создавајќи му многу проблеми на МЗТ во одбраната. Костовски и Магдевски беа во добар налет, неколку поени постигна и Најт, по што Пелистер создаде солидна предност од 14 поени (6-20).
МЗТ бргу се созема од почетниот шок, шампионот заигра многу подобро и започна полека да ја топи предноста на гостите. Харис Делалиќ го најави „кам-бекот“ со монструозно забивање, а потоа на сцена стапија Војдан и Дамјан Стојановски, кои комбинирано постигнаа 12 поени и ги вратија „металците“ во игра. До крајот на првото полувреме, играчите на Васко Атанасов влегоа во посакуваниот ритам и на паузата водеа со резултат 46-43.
Вториот дел започна со многу промашени шутеви на Пелистер. Дарко Радуловиќ се обиде да ги смири своите кошаркари, но во третата делница скоро ништо не им одеше од рака. МЗТ го доби и овој период и во последните десет минути влезе со предност од девет поени, 68-59.
Се чинеше дека пелистерци полека го губат здивот, МЗТ постигна две тројки во низа, а во овие моменти свои блесоци имаше и младиот Марин Петков. Битолчани грешеа и правеа лични грешки во напад, но во последните четири минути одиграа за нијанса подобро и успеаја да ја намалат негативата на само три поени, 76-73. Сепак, во клучните моменти повторно главни поединци беа близнаците Стојановски, кои не дозволија комплетно враќање на Пелистер и успеаја со неколку поени и две украдени топки да ја заокружат победата со конечни 80-75.
Најефикасен во победничкиот состав беше Душан Танасковиќ со 16 поени, Делалиќ додаде еден помалку, додека Војдан и Дамјан Стојановски постигнаа 13, односно 11 поени. Кај Пелистер најрасположен кошаркар беше Александар Костоски, кој постигна 17 поени. МЗТ Скопје сега е на само еден триумф од нова шампионска титула, која ќе има можност да ја завери веќе на третиот натпревар кој ќе се одигра во Битола.