МЗТ Скопје со камата му се реваншира на Пелистер

Екипата на МЗТ Скопје покажа зошто е шампион на Македонија и забележа убедлива победа над Пелистер (82-62) во мечот кој требаше да биде дерби на колото, но никако не го понесе тој епитет заради големата разлика меѓу тимовите.

  • Комплетниот натпревар меѓу МЗТ Скопје и Пелистер:

Аеродромци минимално го загубија првото соочување во Битола сезонава, но во вториот дуел се реваншираа со камата. Разликата меѓу двата тима беше евидентна по само десет минути кога и се направи победничката разлика. По првиот квартал, резултатот на мечот гласеше 20-7.

Три од четири периоди на мечот во Аеродром ги добија домашните, а покрај првиот, најизразен МЗТ беше и во последниот период кога пак го спушти ривалот на само седум постигнати поени по осум минути игра и создаде висока разлика од +20 поени.

Едвин со 20 поени беше најдобар кај победникот, пред Магдевски со 16 поени и 10 скока и Маслинко со 15 поени, додека кај Пелистер, Антоан и Стајиќ реализираа по 14 поени. МЗТ Скопје по 13 одиграни кола во домашниот шампионат има скор 10-4 и е на второто место веднаш пред Кожув со скор 9-4. Пелистер, пак, слично како и гевгеличани, има скор 9-4.