МЗТ Скопје едвај до победа на тешкото гостување кај Пелистер

Екипата на МЗТ Скопје го доби дуелот против Пелистер со резултат 84-89, откако на гостувањето во Битола „металците" победија потешко од очекуваното. Пелистер пружи добар отпор, но скопјани ја запишаа четвртата победа во домашното првенство.

МЗТ Скопје ја доби првата четвртина со 21-18, а домаќините направија одлична серија од неверојатни 20-2 на почетокот на вториот квартал за предност од дури 15 поени. Гостите се вратија по шокот и анулираа дел од предноста. Втората четвртина Пелистер ја доби со 31-21, а на полувреме резултатот гласеше 49-42 за битолчани. Кај домаќинот во првиот дел се истакнаа центрите, а Враниќ беше најефикасен со 14 поени и четири скока. Забележителен беше настапот на Зекири, кој за само пет минути на теренот постигна 13 поени за „зелено-белите“. Во редовите на шампионот до полувремето Џабари Хиндс беше најдобар поединец со десет поени и две асистенции.

После полувремето минатогодишниот шампион го покажа своето вистинско лице и во третиот сегмент од натпреварот направи пресврт, добивајќи го периодот со 25-14. Последната четвртина започна израмнето и се играше кош за кош, а гостинот беше во константна предност, која во два наврати беше и десет поени разлика. Натпреварот влезе во трилер завршница, а до израмнување битолчани стигнаа на само 16 секунди до крајот. МЗТ Скопје во следниот напад реализираше преку Хиндс за три поени предност. Во последните осум секунди Пелистер загуби топка и Маслинко го реши победникот со двете погодени слободни фрлања. МЗТ Скопје ја доби последната четвртина со 22-21 што беше доволно за победа. 

Најефикасен играч на натпреварот беше Џабари Хиндс од МЗТ Скопје со 34 поени, а во вториот дел се истакна и Симоновски со 16 поени. Кај Пелистер најмногу поени постигна Враниќ, вкупно 20, иако во вториот дел не беше така ефикасен како во првиот. Единствен играч со двоцифрен број на скокови беше Пенов, со 11, од таборот на Пелистер.

Овој триумф за аеродромци треба да биде мотивација за гостувањето од АБА2 лигата кај Хелиос од Домжале за само три дена. Пелистер во следното коло гостува кај Вардар во Скопје.