МЗТ Скопје се засили под обрачите, потпиша со Димитрије Николиќ

МЗТ Скопје продолжува со комплетирањето на ростерот за новата сезона, а ново име во редовите на актуелниот македонски шампион е српскиот центар Димитрије Николиќ. Искусниот кошаркар, кој има 28 години и е висок 211 сантиметри, официјално стави потпис на договорот со аеродромци и ќе претставува ново засилување во рекетот за тимот на Васко Атанасов.

Николиќ зад себе има богата кариера и настапи во повеќе клубови во Србија, регионот и Европа. Кариерата ја започна во Раднички Крагуевац, а најголем дел од раниот период од кариерата го мина во Партизан, каде што настапуваше од 2017 до 2021 година. Потоа играше за Слога Краљево, Слобода Ужице, ФМП и Златибор, а интернационалната кариера ја градеше во романските Крајова и Брашов, како и во литвански Невежис. Во МЗТ очекуваат Николиќ да донесе дополнителна цврстина под кошевите, пред сè со својата висина, физичка моќ и искуство, што треба да биде значајно оружје и во одбраната и во нападот.

Српскиот центар е четвртото странско засилување за МЗТ ова лето, по Американците Лесли Ворнер и Ноа Фарахан, како и босанскиот центар Емир Крајиниќ. Покрај нив, договори со клубот имаат и Дамјан Стојановски, Војдан Стојановски, Андреј Маслинко, Андреј Андоноски, како и повратниците Лука Стојановски и Никола Василевски.

Во новата сезона МЗТ Скопје ќе настапува во Суперлигата на Македонија, АБА-2 лигата и ФИБА Европа купот.