МЗТ Скопје победнички ја отвори сезоната, Куманово падна во „Јане Сандански“

Екипата на МЗТ Скопје со победа ја започна новата сезона во кошаркарската Суперлига на Македонија. Актуелниот шампион на домашен терен го совлада Куманово со 85-77 во натпревар кој донесе интересна и неизвесна завршница.

Првата четвртина мина во израмнета игра, па по десет минути резултатот гласеше 19-19. Меѓутоа, почетокот на вториот период целосно му припадна на домаќинот. МЗТ Скопје отвори со серија од 7-0 за предност од 26-19, по што тренерот на Куманово, Марин Докузовски, повика тајм-аут.

Советите на искусниот стратег не донесоа посакувана реакција кај неговите кошаркари. „Штрковите“ продолжија во високо темпо и постепено ја зголемуваа предноста. На пет минути до крајот на полувремето МЗТ веќе имаше плус 15 (41-26), а на одмор замина со 52-38.

Куманово, сепак, не се откажа. Гостите одлично го отворија третиот квартал, играа цврсто и подвижно во одбраната, а беа ефикасни и во нападот. Следуваше серија од 7-0 со која негативата беше намалена на само седум поени.

Тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов, веднаш реагираше со тајм-аут. На шампионот му требаа повеќе од три минути за да ги постигне првите поени во третата четвртина, а Куманово продолжи да ја топи разликата. Гостите го добија овој период со 11-20 и пред последните десет минути најавија неизвесна завршница.

Во последната четвртина Куманово се обиде целосно да се врати во натпреварот, но МЗТ Скопје покажа карактер кога беше најпотребно. Шампионот ја сочува предноста стекната во првото полувреме и со сигурна игра во завршницата стигна до победа од 85-77.

Кај домашниот состав,петмина кошаркари имаа двоцифрен број поени. Најефикасни беше новајлијата Ворнер и Тадиќ со по 15 поени, Лука Стојановски додаде 13 поени и четири скока, додека Дамјан Стојановски и Маслинко завршија со по 10 поени.

Во гостинскиот состав, Мекиќ имаше одлично поентерско деби, со 24 поени, шест скока и шест асистенции. Стајиќ постигна 13 поени, со три скока и три асистенции, Гуден додаде 11. поени (и три скока), Стевановиќ натпреварот го заврши со 10 поени и три скока, а Ѓуроски имаше девет поени и девет скока.