• Иван Димовски

Кошаркарите на МЗТ Скопје го положија оружјето на гостувањето кај Цедевита Олимпија во Љубљана и загубија со 93-73, во рамките на петтото коло на АБА лигата. Избраниците на Александар Петровиќ одиграа коректен натпревар, меѓутоа квалитетот беше на страната на домаќинот во „Арена Стожице“.
„Штрковите“ одлично отворија, го изненадија ривалот и поведоа со 2-7. Сепак, бргу фаворитот успеа да се консолидира и да се врати. Се играше егал, а домашната екипа почесто водеше. На првата пауза меѓу четвртините МЗТ имаше кош предност (18-19). Цедевита фуриозно го отвори вториот период, успеа да направи серија 8-0 и првпат поосетно да поведе.
Тоа предизвика реакција на аеродромци кои со добра и цврста игра дојдоа до егал. Иако квалитетот беше на страната на домашните, македонскиот првак не дозволуваше целосно одлепување и се држеше близу. Пред крајот на полувремето МЗТ беше на поен дефицит (37-36), а потоа словенечките кошаркари успеаја да врзат добра серија и на одмор се замина со 44-36.
Цедевита реши да не си дозволи изненадување, по паузата уфрли во брзина повеќе и првпат дојде на двоцифрена предност. МЗТ Скопје немаше одговор, се одржуваше во пристоен дефицит, а во втората половина на третата четвртина домашните дојдоа на огромни +20. Со такво темпо се продолжи и во завршниот квартал од средбата. „Штрковите“ парираа, не се откажаа и бркаа негатива, дојдоа најблизу на „минус 13“, меѓутоа немаа сили за подвиг и го запишаа четвртиот пораз.
Страхиња Мичовиќ беше најефикасен играч на средбата со 25 поени, додека кај Цедевита се истакна Омиќ со 19, како и Ферел со 16. Во следната рунда, наредниот петок „штрковите“ ќе го дочекаат тимот на Морнар во Скопје.