• Иван Димовски

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром ја продолжи доминацијата во мак-баскетот, обединувајќи ги сите три трофеи.
Последен и највреден беше првенствениот кој го обезбеди со победа од 3-1 над ТФТ Скопје во финалната серија. Победата по која аеродромци прославија нова титула беше на гостински терен во СРЦ „Кале“, меѓутоа клубот сака прослава и на „свој терен“. Поради тоа МЗТ организира традиционална средба со навивачите.
На платото пред СЦ „Јане Сандански“ в четврток во 19:00 часот ќе бидат изложени трите трофеи: од првенството, Купот и Суперкупот на Македонија. Играчите ќе бидат присутни на дружба со навивачите, фотографирање и ќе потпишуваат автограми.
Овој настан ќе биде за крај на уште една успешна сезона на МЗТ Скопје во кој беше освоена нова „триплета“.