МЗТ Скопје најави продажба на сезонски билети за АБА и домашното првенство

Екипата на МЗТ Скопје се подготвува за стартот на сезоната во АБА лигата, а потоа и во домашното првенство. Аеродромци се враќаат во Јадранската елита, целта е опстанок во лигата и враќање на континуитетот во ова натпреварување. 

Во пресрет на првите дуели, клубот се пофали со продажба на сезонски карти. МЗТ Скопје ги одреди цените, по 2.500 денари ќе се продаваат сезонски билети за АБА и првенствените дуели за трибините најблизу до теренот, додека по 2.000 ќе бидат картите за останатите сектори. 

Со овој сезонски билет ќе се добие влез за тринаесет средби во АБА конкуренцијата, како и најмалку петнаесет во првенството на Македонија. Секако, бројката во домашното првенство ќе се зголемува ако МЗТ Скопје продолжи во следните фази. 

Од клубот најавија дека билетите ќе се пуштат во продажба од следната седмица со повеќе информации. Првиот домашен натпревар во АБА лигата е закажан за десетти октомври против Партизан, а претходно „штрковите“ гостуваат кај шампионот Црвена Звезда.