МЗТ Скопје му врачи отказ на Џабари Хиндс заради потценување и незалагање

Американецот Џабари Хиндс повеќе не е играч на МЗТ Скопје Аеродром, откако управата на клубот реши да ја прекине соработката со него поради неспортско однесување и омаловажување на клубот и на македонската кошарка во целост.

Плејмејкерот добро ја почна сезоната, но потоа од натпревар во натпревар играше сѐ полошо, за во последниот период да почне да се однесува онака како што не му доликува на еден професионалец. Трпението кулминира со неговото отворено потценување на домашното првенство и гласното негодување секогаш кога требаше да понесе одговорност на натпреварите од Првата лига. Хиндс на последните пет средби на домашна сцена постигна вкупно 20 поени или четири поени во просек, што е само доказ за неговото незалагање на овие натпревари.

„МЗТ Скопје Аеродром никогаш нема да дозволи индивидуалец да биде пред доброто на целата екипа, особено не кога кога тој не го цени значењето на сино-белиот дрес, во кој многу далеку подобри кошаркари пред него пролеале тони пот и го оставиле срцето на терен.

Поради сето ова, заедно со повеќекратното излегување во ноќен живот на ден пред средбите, управата на клубот во договор со стручниот штаб реши да ја прекине соработката со американскиот интернационалец. Веќе се разгледуваат опции околу ангажирање на негова соодветна замена, со цел составот од Аеродром да биде адекватно пополнет за сите позиции за вториот дел од сезоната“, се вели во соопштението на шампионот.

МЗТ Скопје во неделата го доби дербито со Работнички и води на првенствената табела по 15 одиграни кола.