МЗТ Скопје минимално загуби во Широки и ќе игра полуфинале во АБА-2!

Кошаркарите на МЗТ Скопје се пласираа во полуфиналето на плеј-офот во АБА-2 лигата, откако го добија четвртфиналниот двомеч против Широки Бријег. По скопската победа од шеснаесет разлика, на гостувањето во Босна и Херцеговина македонските кошаркари запишаа минимален пораз од 70-68, со што си обезбедија билет за следната фаза.

Домашната екипа го отвори подобро натпреварот и уште на стартот поведе со 10-3. На тоа „штрковите“ имаа реакција и врзаа серија од 0-11 за прво водство. Иако во втората четвртина се влезе со израмнет резултат, Широки се наметна и со одлична игра дојде на високи 15 разлика, а на полувреме се замина со 39-28. 

Следеше будење на момците на Атанасов, па тоа вроди со плод на резултатски план. Одбраната се зацврсти и во третата четвртина МЗТ му дозволи на ривалот „само“ 14 поени, а на влезот во последниот период со тројката на Делалиќ дојде до предност од 53-54. 

Решавачките десет минути минаа во знакот на израмнетата игра. Екипите се менуваа во водството, а најважно за македонскиот тим беше да не западне во криза и промашувања. Тоа на МЗТ му одеше од рака, успеа условно кажано да го „умртви“ натпреварот и во своја полза го затвори двомечот. Иако на крајот Широки успеа да забележи победа, немаше сили да ја загрози скопската предност. Прво име во победата на МЗТ беше Делалиќ кој уфрли 18 поени, додека Дамјан Стојановски финишира со 13.

Во полуфиналната фаза екипата на МЗТ Скопје ќе се судри со екипата на Суботица која регуларната сезона ја заврши како првопласирана.