• Иван Димовски

Кошаркарите на МЗТ Скопје загубија во клучен натпревар од АБА лигата, на свој паркет од екипата на Игокеа со 78-84. Пресметката од 22. коло беше израмнета, екипите се менуваа во водството, меѓутоа во клучни моменти „штрковите“ попуштија и претрпеа нов неуспех.
Македонскиот првак добро тргна, имаше стартна предност која ја одржуваше до крајот на првата четвртина, а тогаш следеше период кој им припадна на гостите. Игокеа заигра подобро, одржуваше минимално водство низ втората четвртина и се обидуваше да го контролира мечот. Тоа не им одеше од рака, бидејќи МЗТ притискаше и константно беше блиску. Во финишот на првото полувреме „штрковите“ дојдоа до минимално водство и со таков резултат се замина на одмор (42-41).
Игокеа отвори добро, поведе со шест разлика, ама тоа водство се стопи веднаш. Следеше игра кош за кош низ третиот период, ривалите се надигруваа и менуваа во предноста, а во последните десет минути се влезе со поволен резултат за МЗТ (57-55).
Иако израниците на Драган Николиќ отворија добро во клучната четвртина, поведоа од стартот и изгледаше дека имаат сили за позитивен резултат, следеше голем пад. Игокеа направи серија од 12-0, која се испостави како клучен исчекор кон победата. Првпат на натпреварот на семафорот стоеше и двоцифрена разлика од 11 поени, ама ниту тогаш МЗТ не се откажа. Шампионот на Македонија одговори со 9-0, ги казни сите грешки кои ривалот ги направи и пријде на 78-80. Сепак, во последната минута Игокеа ги искористи четирите слободни фрлања и ја потврди победата.
Ѓорѓевиќ со 19 поени ги предводеше поентерите, додека кај МЗТ Скопје се истакнаа Миќовиќ со 18, на кои надоврза и осум скока, Вер со еден помалку и Војдан Стојановски со 15 поени.