МЗТ Скопје ја оствари целта, а сега без притисок напаѓа трофеј во АБА2

МЗТ Скопје Аеродром ја исполни својата цел и преку завршниот АБА2 турнир се врати во елитата на Јадранот. Откако Златибор се пласира да игра во финалето, јасно беше дека неговиот ривал ќе оди директно во првата АБА лига, без оглед на резултатот од натпреварот за трофејот. 

Сепак, иако аеродромци ја исполнија целта, публиката, играчите и управата посакуваат одличната сезона да се круниса со трофејот во АБА2 лигата. Шансата секако ја гледаат во Златибор, ривал против кој сезонава запишаа пораз. Сепак, ситуацијата сега е поинаква, МЗТ е во налет и со помош на публиката во Аеродром ќе го нападне трофејот. 

На дуелите со Сутјеска и Широки, „Фемили Аеродром“ беа шести играч на македонскиот првак, а така се очекува да биде и вечерва. МЗТ Скопје важи за фаворит, игра пред своја публика и без притисок се надева на трофејот и достојно враќање во јадранската елита.

Иако дуелот можеби ќе биде во сенка на ракометниот бараж меѓу Македонија и Чешка, сепак во СЦ „Јане Сандански“ од 19:00 часот се очекува одлична атмосфера и напад на трофејот од страна на МЗТ Скопје.