• Горан Упале

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со победа ја отворија финалната серија против предизвикувачот Пелистер. Во Скопје, домашниот тим беше за нијанса поквалитетен, особено во клучните моменти и на крај заслужено славеше со 82-77.
Актуелниот шампион и вицешампион уште еднаш покажаа зошто веќе трета сезона по ред се најдобрите екипи во мак-кошарката. Ривалите во целост ги оправдаа очекувањата на кошаркарските фанови, затоа што пружија фантастична игра во „Јане Сандански“, полна со многу атракции, пресврти и голема борба. Дербито беше зачинето со одлична атмосфера на трибините, создадена од двете навивачки групи.
- Комплетниот натпревар меѓу МЗТ Скопје и Пелистер:
„Штрковите“ посигурно и помотивирано го отворија натпреварот. На спротивната страна, Пелистер во своите редови го имаше Александар Костоски, но искусниот плејмејкер не можеше сам против разиграниот домаќин. Ефикасната прва четвртина заврши со 28-23 за МЗТ Скопје, а Костоски во тој период постигна повеќе од половина поени за „зелено-белите“ (13), додека за домаќинот по седум поени имаа Дамјан Стојановски и Жилон.
Ништо не се промени ниту во втората четвртина. Момците на Васко Атанасов искусно го чуваа стекнатото водство од првиот период, а со одличен финиш успеаја да се одлепат на плус десет на полувреме (50-40).
По паузата меѓу двете полувремиња Пелистер го одигра најдобриот период. За шест минути од третиот квартал домашниот тим постигна само четири поени, а „зелено-белите“ влегоа во ритам и со 16 поени по долга пауза одново поведоа на натпреварот (54-56). Но, во вистински момент Војдан Стојановски како вистински лидер погоди за три поени и ја врати самодовербата кај своите соиграчи.
Во последниот период се влезе со минимална предност на „штрковите“ од само два поени (65-63,), а уште во првиот напад следуваше голем удар за шампионот. Првата ѕвезда на тимот Војдан Стојановски се пожали на повреда и се упати кон клупата за резерви. На негово место влезе Дамјан, кој веднаш погоди за три поени и ја крена публиката на нозе. Но, Пелистер одново покажа смиреност и не дозволи еуфоријата која што завладеа во домашниот табор да се одрази на резултатот и најави неизвесна завршница. Следуваше период во кој се играше кош за кош, а во моментите кога се кршеше резултатот, поквалитетни беа домаќините кои славеа победа од 82-77.
Во таборот на МЗТ Скопје најпрецизен беше Дамјан Стојановски со 15 поени, додека за Пелистер се истакна Планиниќ со 19 поени. Вториот натпревар од финалната серија се игра за четири дена, исто така во Скопје.